Премиер лигата воведува промени во користењето на ВАР – системот

Премиер лигата прифати да воведе промени во користењето на ВАР – системот со цел да се подобри арбитражата, но воедно да се забрза процесот на носење конечни одлуки, како и да се подобри информирањето на навивачите кои се присутни на стадионите низ Англија.

Со помош на организацијата за спортска арбитража на Англија, челниците на Премиер лигата се согласија на ваквите промени откако голем дел од прволигашите се побунија дека системот во повеќе наврати им наштетил, односно судиите носеле одлуки кои биле во полза на противниците.

Почнувајќи од декември, навивачите кои од трибини ќе ги следат натпреварите, ќе добиваат подетални информации околу секоја спорна одлука. На пример, на големите екрани од сега ќе пишува „проверка за пенал – можно е играње со рака“, отколку само „проверка за пенал“. Потоа ќе биде приложено и видео снимка со која навивачите сами ќе може да се уверат дека судијата и системот ја донеле вистинската одлука, но истите снимки ќе се обелоденат само откако ќе се потврди конечната одлука.

Премиер лигата исто така ќе спроведе користење на „хокај“, односно око-соколово технологијата во буквален превод, со цел да се има кадри од секој можен агол што ќе придонесе за судиската одлука да биде точна.

Со цел да не се губи време за натпреварите, односно да нема многу задршка, судиите ќе ги користат мониторите покрај аут-линијата само во екстремни случаеви, а за сè останато ќе се комуницира преку радио-врска, како и досега.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести