Претседателот на УЕФА со навреди кон првиот човек на Реал Мадрид: Тој е идиот и расист

Шпанските медиуми објавија преписка меѓу Александер Чеферин и поранешниот претседател на фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубијалес, во кои претседателот на УЕФА го навредува претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес.

Шпанскиот весник „Објектив“ дојде во посед на пораки од социјалната мрежа ВатсАп кои си ги размениле Чеферин и Рубијалес, а во една од нив, претседателот на УЕФА го нарекува Перес – идиот и расист.

Пораките се од декември 2019 година и тоа во моменти кога Перес го промовираше планот за создавање на европска Суперлига.

Рубијалес во преписката со Чеферин му порачал дека шпанските медиуми го ставаат во тешка ситуација и бараат да се изјасни за Суперлигата, но притоа порачува дека ќе остане доследен на идејата на УЕФА. Исто така му порачал дека претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, „во џебот“ има неколку медиуми преку кои се создава лоша слика за него, но Чеферин го смирувал со зборовите:

„Не се грижи. Секогаш ќе бидам на твојата страна“.

Потоа Рубијалес пишува на Чеферин дека бараат замена за Тебас.
„Флорентино (Перес), Бартомеу (Жорди) и јас се обидуваме да пронајдеме противкандидат за Тебас, но мислам дека сега Флорентино е против мене. Ќе продолжам, позицијата на УЕФА во оваа приказна е праведна“.

„Се наоѓаме во добра поцизија, ако сакаш можам да разговарам со Флорентино“, му одговора Чеферин на Рубијалес.

„Не можам да ги имам Перес и Тебас во Шпанија како ривали. Перес е горд човек, тоа ќе биде невозможна позиција за мене“, пишува Рубијалес.

„Не заборавај, имам и јас гордост, не сакам ниту јас да разговарам со него. Би го сторил тоа само поради тебе. Перес е идиот и расист. Не мораш да ја смируваш ситуацијата поради мене. Сакам ти да бидеш во добра позиција“, пишува Чеферин.

Чеферин во тоа време имал неколку контроверзни јавни изјави против европската Суперлига за која сметал дека ќе го уништи фудбалот, а Перес во неколку наврати го нарекол себичен и егоцентрик.

- Оглас -

Најнови вести