Претставени идејата и планот за брендирање и препознатливост на Првата женска фудбалска лига

Фудбалската федерација на Македонија и Комисијата за женски фудбал денеска во Куќата на фудбалот ја претставија идејата за брендирање и препознатливост на Првата женска фудбалска лига.

Имплементација на проектот во првата фаза се состои од изработка на визуелни решенија (брендинг) за стадионите од Првата женска фудбалска лига и продукција на директни преноси (стриминг) на дерби-натпревари од Прва ЖФЛ.

Со ефективно брендирање на лигата можеме да инспирираме повеќе девојки да учествуваат во фудбалот, а преку изградба на силен бренд за елитното женско натпреварување ќе обезбедиме подобра видливост на женскиот фудбал, ќе ја подобриме свеста и ќе им помогнеме на играчите, клубовите и сите директно вклучени да се гордеат и да бидат дел од такво натпреварување.

Динамичниот бренд е осмислен да ги отсликува вредностите на женскиот фудбал: ИНСПИРАЦИЈА, ЈАКНУВАЊЕ, ХРАБРОСТ, ЛИДЕРСТВО, ЕДНАКВОСТ и ГОРДОСТ.

Дизајн кој е конзистентен со брендовите на ФФМ, лесен за паметење и репродукција. Новиот бренд на Првата женска фудбалска лига ги отсликува:

НАШАТА ВИЗИЈА: Да го воспоставиме фудбалот како спорт број еден за жени и девојчиња во Македонија;

НАШАТА МИСИЈА: Да обезбедиме можности и иновации, со што секое девојче, девојка и жена ќе можат да уживаат, да се развиваат и да остваруваат резултати;

„Фудбалската федерација на Македонија во 2021 година за првпат усвои стратегија за Женски фудбал. Првиот столб на стратегијата е Видливост и Перцепција. Низ истражувањата кои ги спроведовме подготвувајќи ја стратегијата беше утврдено дека женскиот фудбал во Македонија има потреба од поголема препознаеност и видливост, и тоа во сите свои сегменти, од лиги до национални тимови.

Овој проект за брендирање на Првата женска фудбалска лига се однесува токму на зголемувањето на видливоста и препознатливоста на натпреварувањето кое од година во година сè повеќе се развива. Искрено се надеваме дека овој прв чекор ќе придонесе кон поголема популаризација и развој на женските натпреварувања во иднина“, изјави потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев.

 

- Оглас -

Најнови вести