Приказна која го „тресе“ Балканот: потврда дека Дражен и Бодирога биле братучеди!

Приказната дека Дражен и Александар Петровиќ се роднини со Дејан Бодирога, е позната од поодамна, а доби и потврда. Дражен и Бодирога кои се двајца од најдобрите европски кошаркари во историјата, всушност биле втори братучеди, а не го знаеле тоа. Дедото на Дражен и бабата на Бодирога, биле родени брат и сестра.

Ако бабата Госпава не го сменела презимето кога се омажила, Бодирога ќе беше Дејан Петровиќ. Од родната Херцеговина, дедото на Дражен се преселил во Шибеник во Хрватска, а бабата на Бодирога отишла во Војводина во Србија.

Бодирога кога бил кадетски репрезентативец, го запознал големиот Дражен, потоа го гледал и во САД, но не знаел дека се роднини. Подоцна од своите родители слушнал дека се во крвно сродство со Петровиќ, но немале контакти со познатото хрватско кошаркарско семејство. Неодамна и мајката на Дражен, Бисерка, кажа дека нејзиниот сопруг има роднини во Војводина и Земун.

Реал Мадрид е клубот за кој имаат играно и Дражен Петровиќ и Дејан Бодирога, а и двајцата имаат играно и за репрезентацијата на Југославија. После распадот, Петровиќ играше за Хрватска, а Бодирога кој кариерата ја почна во хрватски Задар, како Србин играше за СР Југославијa.

- Оглас -

Најнови вести