Проблем за УЕФА – Реал Мадрид бара реформи и ја поддржува идејата за европска Суперлига

Реал Мадрид денеска одржа онлајн седница на Собранието на клубот, а во своето обраќање, претседателот Флорентино Перес целосно застана зад идејата за новото клупско натпреварување, Европска Суперлига. Во таа Суперлига би играле најголемите и најбогатите клубови во Европа, кои сметаат дека така би се доближиле до НБА лигата и би имале поголеми приходи.

Оваа изјава на Перес нема да им се допадне на челниците на УЕФА, која со сите сили се бори да ги задржи гигантите кај себе и нејзината Лига на шампионите да остане најсилното натпреварување.

„После пандемијата, ништо нема да биде исто како порано. Се виде дека и фудбалот е ранлив. Ни требаат промени, да бидеме во текот со новото време. На фудбалот му треба нова формула која ќе го направи поинтересен и покомпетитивен. Реал Мадрид секогаш учествува во иновациите во спортот. Реформите не може да чекаат“ – рече Перес.

Кралскиот клуб од Мадрид учествуваше во две револуционерни промени во историјата на фудбалот. Во 1904 година, Реал заедно со седум национални федерации ја формираа ФИФА, а во 1955 година заедно со весникот „Л‘екип“ го промовираа формирањето на Купот на европските шампиони кој во 1992 година стана Лига на шампиони.

Европската Суперлига планира да ја „имитира“ кошаркарската Евролига, и во неа да играат 16 до 18 тима кои би играле секој со секого, па да има плејоф со осум тима, и финалето во еден меч да го одреди победникот. Клубовите кои би играле во Суперлигата, ќе продолжат да играат и во домашните првенства, но новиот проект ќе ги оштети Лигата на шампионите и Лига Европа.

- Оглас -

Најнови вести