Божиќна бајка на „Олд Трафорд“: Манчестер јунајтед на полувреме губеше со 0:2, a на крајот победи (Видео)

Манчестер јунајтед одигра уште еден меч за памтење на својот „Олд Трафорд“ и на крајот со 3:2 славеше над Астон вила. Најтрофејниот англиски клуб сезонава игра многу прменливо, а тоа се виде и на овој дуел. По првото полувреме, гостите од Бирмингам водеа со 2:0, но во вториот дел, Црвените ѓаволи направија фантастичен пресврт за триумф и голема радост на повеќе од 70.000 домашни навивачи на стадионот познат како „Театарот на соништата“. Овој фантастичен меч се одигра на популарниот Боксинг деј, односно денот кога католичките христијани си подаруваат подароци, еден ден по прославата на Божиќ.

Во првите половина час гостите од Бирмингам постигнаа два гола. Во 21-вата минута Мекгини со шут директно од слободен удар го изненади Андре Онана, кому не му е прв пат сезонава да прими ваков гол.

Само пет минути по првиот гол, следуваше и втор погодок за Астон вила. По еден корнер, гостите се израдуваа и по вторпат и на полувреме заминаа со предност од 2:0.

Во второто полувреме Манчестер јунајтед заигра многу подобро и прво имаше еден поништен гол поради офсајд на Гарначо, па подоцна, во 59-тата минута, истиот играч погоди за 1:2. Ова за Манчестер јунајтед беше прв погодок по пауза од 440 минути во Премиер лигата.

Истиот играч погоди и во 71-вата минута за израмнување на 2:2, што беше само најава дека се подготвува целосен пресврт.

Делириум на трибините на „Олд Трафорд“ се случи во 82-рата минута, кога Расмус Хојлунд најдобро се снајде по еден корнер и погоди за водство на Манчестер јунајтед од 3:2, што на крајот се покажа и како клучен гол за освојување на трите бода.

Со оваа победа, Манчестер јунајтед сега стигна до 31 бод и се искачи на петтото место на табелата, додека Астон вила остана со 39 поени, што е доволно за третото место на табелата, зад лидерот Ливерпул (42 бодови) и вториот Арсенал, кој има 40 бода и еден меч помалку.

- Оглас -

Најнови вести