Продолжува црната серија на Е. Пелистер, по двата порази во СЕХА, вечерва пораз и во Лигата на Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се наоѓаат во резултатска криза забележувајќи го третиот пораз по ред во меѓународните натпреварувања во рок од седум дена, овој пат загубија во Лигата на Европа.

Битолчани се поразени со 24:22 на гостувањето кај Скандерборг Алборг во рамките на седмото коло од второто по квалитет европско натпреварување. Претходно, ракометарите на Е. Пелистер загубија и во првите две кола од групната фаза во СЕХА-лигата, од Војводина и Нексе.

Одлучувачки момент за поразот на Е. Пелистер беше стартот на второто полувреме, кога седум минути не постигнаа гол и му дозволија на данскиот тим да направи серија од 3:0 и да поведе со 14:11 откако првиот дел помина во израмнета игра (11:11).

Само неколку моменти подоцна следуваше нова црна серија, овој пат од осум минути без постигнат гол на битолчани која ја искористи Алборг да даде шест гола во низа и да ги реши дилемите околу победникот.

Најдобри во редовите на Е. Пелистер беа Радовиќ и Пешевски со по четири постигнати гола, додека кај данскиот тим, кој со победата обезбеди пласман во нокаут-фазата, Кристенсен со седум гола.

Во следното коло, Е. Пелистер ќе игра против Аугас Сантас пред своите гледачи во Битола и со евентуална победа ќе дојде многу блиску до освојување на четвртото место, кое носи пласман во нокаут-фазата.

- Оглас -

Најнови вести