Продолжува успешната македонска приказна во Италија – Несторовски утре ќе стане член на Удинезе

Елиф Елмас веќе е член на Наполи за рекорден македонски трансфер од 19 милиони евра, а успешната македонска приказна во јули продолжува со Илија Несторовски.

Најдоцна до утре популарниот Несто-гол ќе му се приклучи на новиот клуб Удинезе, а ќе патува за Австрија, каде што „црно-белите“ се на подготовки.

Несторовски ги доби документите од Палермо, клуб што е преселен во четврта италијанска лига, па сите играчи се слободни да сменат средина.

Шпицот на македонската репрезентација веќе се договори со Удинезе за тригодишен договор, ќе го носи дресот со број 30, а утре ќе бидат завршени и сите формалности.

Покрај него и Елмас, во Серија А идната сезона ќе настапува и Горан Пандев, кој има долг стаж во Калчото. Можно е да има уште еден наш играч во најквалитетната фудбалска лига на Италија ако Алекс Трајковски потпише за Бреша или Лече, клубови што беа заинтересирани за него.

- Оглас -

Најнови вести