„Проклетството на Нетфликс“ ги стигна тенисерите и тенисерките во Мелбурн, испаднаа сите што беа дел од популарната емисија

Првиот годинешен гренд слем турнир, Австралија опен, во првата недела помина во знак на елиминацијата на главните фаворити во машка и женска конкуренција, а фановите почнаа да се сомневаат во проклетство.

Имено, пред стартот на Отвореното првенство на Австралија, на Нетфликс, се емитуваше серијата „Брејк поен“ во која учествуваа добар дел од најдобрите тенисери и тенисерки кои вече го завршија настапот во Мелбурн.

Прва жртва на „проклетството на Нетфликс“ беше домашниот тенисер Ник Кирјос, кој непосредно пред стартот на гренд слем турнирот во Мелбурн, се откажа поради повреда. Со стартот на турнирот почнаа да се редат изненадувања или откажувања, па така турнирот порано од очекуваното заврши за Тејлор Фриц, Каспер Руд, Марија Сакари, Онс Жабер, Матео Беретини, Ајла Томлјановиќ, Данил Медведев и Паула Бадоса.

Последен тенисер кој се појави во „Брејк поен“, а сè уште беше дел од гренд слем турнирот, беше Феликс Оже-Алиасим, се до денеска. Тој е елиминиран од Чехот Јиржи Лехечка во четири сета (4:6,6:3,7:6,7:6).

- Оглас -

Најнови вести