Бразилецот Лукас Пакета веќе неколку дена е во центарот на вниманието на англиската јавност поради можниот трансфер во Манчестер сити, но постои можност да не дојде до такво нешто до крајот на летниот преоден рок.
Трансферот на Пакета од Вест хем во Манчестер сити е стопиран поради истрагата која ја отвори Фудбалската федерација на Англија против фудбалерот. Наводно, Пакета се наоѓа под лупа на ФА поради можно прекршување на правилата за забрана на обложување.
Манчестер понуди 70 милиони фунти отштета, Вест хем бараше 20 милиони повеќе и според англиските медиуми, Граѓаните беа подготвени да платат колку што бараат Чеканите, посебно откако се повреди Кевин де Бројне, но сега целиот трансфер е стопиран.
Наводно, ако ФА ја заврши истрагата до крајот на преодниот рок и не најде неправилности, тогаш постои голема веројатност Пакета на крајот да заврши на „Етихад“.