По трите порази во првите три кола, екипата на Металург конечно го освои првиот бод, но треба да жали што не го победи Извиѓач. Средбата заврши 27-27, а Металург во последните десетина секунди имаше напад за победа, но ја загуби топката и шансата отиде во неврат.
„Металурзите“ имаа предност од 14-12 по првото полувреме, иако во два наврати имаа и плус пет (11-6 и 12-7). Сепак, македонскиот тим имаше контрола врз случувањата на теренот во „Борис Трајковски“. Второто полувреме не почна како што посакуваа домашните, Извиѓач се разигра и направи пресврт, па во 43-тата минута резултатот беше 21-19 за босанскиот тим.
Во последните пет минути се влезе со нерешени 25-25 и веќе стана јасно дека ако има победник, разликата нема да биде поголема од 1 до 2. На крајот, двата тима дојдоа до првиот бод сезонава. Подмладениот Металург е тим со најмногу примени голови во регионалната лига.
Во првиот денешен меч од СЕХА-лигата, Нексе дома беше многу подобар од Железничар и славеше со 34-25. Со таа победа Нексе се изедначи со Вардар на врвот со по 12 бода од 4 кола.