Прв меч и одма дилема: Зошто не беше досуден пенал против Јувентус!?

Почна италијанското првенство и веднаш спорен момент на дуелот на кој играше Јувентус. Старата дама со 3:0 ја победи Сампдорија, но резултатот можеше да биде и поинаков доколку судијата досудеше пенал за гостите пред крајот на првиот дел.

Се играше 44-тата минута кога гостите беа во напад, Бонацоли центрираше, а топката удри во раката на Леонардо Бонучи. Играчите на Сампдорија бараа пенал, арбитерот Пичинини беше во непосредна близина, ја виде целата ситуација и реши дека нема пенал. Не се огласија ниту од ВАР-собата, па Сампдорија не доби пенал со кој во тие моменти можеше да израмни на 1:1. На крајот Јувентус славеше со 3:0.

Првиот човек на судиската комисија во италијанското првенство Никола Рицоли, непосредно пред стартот на сезоната даде објаснување дека делителите на правдата ќе мора да го намалат бројот на досудени пенали (ланската сезона беа досудени рекорден број удари од белата точка). Според објаснувањето на Рицоли, Бонучи немал време кога да реагира и да ја тргне раката.

„Во фудбалот постои контакт и контакт. Секоја ситуација треба посебно да се проценува во дадениот момент, но во принцип не можеме да ја одземеме шансата на дефанзивецот да направи инстиктивно движење. Ако раката веќе не може да се повлече, не треба да има казна. Целта е да им се овозможи на дефанзивците да не мора да играат како да се пингвини“, објасни Рицоли.

 

- Оглас -

Најнови вести