Првачињата им поставуваа незгодни прашања на ракометарите на Вардар (Фото)

Триесетина првачиња од ОУ „Љубен Лапе” поминаа едно претпладне со ракометарите на Вардар во посета на домот на „црвено–црните“. Во СЦ „Јане Сандански” дечињата ги посетија двете сали каде штоВардарци играат натпревари и тренираат, просторијата за видео-презентации, салата за прес–конференции, фитнес и аеробик центрите, како и соблекувалната на екипата.

Дружбата почна на паркингот пред ОУ „Љубен Лапе” од скопската населба Аеродром, каде што автобусот на екипата на Вардар ги пречека децата за да ги однесе во СЦ „Јане Сандански”. Детскиот џагор брзо ја исполни салата во спортскиот центар. Првачињата дојдоа подготвени да навиваат за своите домаќини, па капитенот на црвено-црните Стојанче Стоилов, левото крило Владо Недановски, голманот Марко Кизиќ и левиот бек Марко Мишевски ги поздравија со гласен и еуфоричен поздрав.

Повеќето првпат влегоа во салата, а имаа и многу прашања за ракометарите од типот „Дали продолжувате да играте и кога ќе се удрите на натпревар?”, „Секој ден ли доаѓате да играте ракомет?”, „Кој ве кара најмногу?”, „Зошто не правите смешки кога играте ракомет?”, а омилено прашање што го поставија трипати беше „Зошто сте толку сериозни кога играте?”.

Стоилов се потруди да најде одговор на сите прашања, силно се насмеа кога едно од дечињата им забележа дека кога Вардарци ќе загубат натпревар, личи како да чадат од нерасположение”.


Дечињата шутираа и голови додека пред мрежата стоеше најмладиот вардаров голман Кизиќ.

Во фитнес-центарот децата го поздравија тренерот Роберто Гарсија Парондо, а во аеробик-центарот уживаа во лудориите со фитнес-топките. Турата продолжи во малата сала во спортскиот центар. Особено интересно искуство за децата беше посетата на соблекувалната на Вардар, каде што имаше шкафче за секој ракометар од тимот, а Стоилов им дозволи на децата на игра да го масираат на столот каде што се рехабилитираат Вардарци по натпревар од Лигата на шампионите или СЕХА-лигата.

Децата имаа подготвено специјален мотивациски постер со акронимот Вардар.
Вредни
Автентични
Работливи
Дарежливи
Активни
Рекреативни

Од Вардар порачаа: Тие ќе навиваат за нас, а ние ќе победуваме за да ги радуваме.

- Оглас -

Најнови вести