Првата казна за непочитување на корона-условите е драстична – ЛАСК ја губи титулата?

Австриски ЛАСК е казнет со шест бода поради непочитување на правилата за тренинг во услови на пандемијата со корона-вирусот, што драстично ги намалува шансите на клубот за втора титула во клупската историја.

Играчите на ЛАСК пред неколку недели тренираа заедно, а беа фатени на дело со објавени фотографии и тоа во услови кога не беа дозволени подготовки во поголема група на фудбалери.

Ова е прва казна за непочитување на фудбалските протоколи во екот на големата пандемија со ковид-19 и е поприлично драстична.

ЛАСК до прекинот на првенството беше прв со 27 бода, три повеќе од актуелниот шампион Салцбург на почетокот на плејофот. Казната драстично ги менува условите во битката за титулата, па од плус три, клубот од Линц рестартирањето на сезоната ќе го почне со минус три бода во однос на главниот конкурент.

Од ЛАСК најавија жалба, што би требало да се разгледува при крајот на јуни. Ако биде одбиена од Фудбалската федерација на Австрија, од Линц најавија и судска постапка, што би можело да биде проблематично и за целата сезона, па има дури и варијанта првенство да заврши, а шампионот да не биде познат.

- Оглас -

Најнови вести