Првиот човек на Суперлигата контра УЕФА: Време е за промени

Извршниот директор на проектот европска Суперлига, Бернд Рајнхарт, изјави дека се неопходни промени во европскиот фудбал бидејќи „темелите се разрушени“ и нивниот проект е спасот за фудбалот.

„Темелите на европскиот фудбал се во опасност да се срушат. Време е за промени. Клубовите се тие кои го носат претприемачкиот ризик во фудбалот, но кога треба да се носат важни одлуки, тие често се принудени да седат на страна“, изјави Рајнхарт за „Ди Велт“.

Компанијата „А22 Спортс менаџмент“, која треба да раководи со Суперлигата, заедно со челниците на Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, изминатите четири месеци се консултираа со 50 европски екипи и развија десет принципи според кои би функционирала Суперлигата.

Според новиот план, предвидено е Суперлигата да биде отворено натпреварување со неколку лиги и во нив треба да учествуваат меѓу 60 и 80 екипи и нема да има  привилегирани како што беше случај со првичната идеја. Пласман во Суперлигата, екипите ќе обезбедуваат преку домашните првенства и ќе имаат загарантирани 14 натпревари.
Овој систем на обезбедување пласман во Суперлигата е директен удар за европските натпреварувања под капата на УЕФА.

„Разговорите јасно покажаа дека често не е можно клубовите јавно да зборуваат против системот кој им се заканува со санкции за да ја спречи опозицијата. Нашиот дијалог отсекогаш бил отворен, искрен, конструктивен и резултирал со јасни идеи за тоа какви промени се потребни и како тие може да се спроведат. Има многу да се направи и ќе продолжиме со разговорите“, вели Рајнхарт.

Плановите на Рајнхарт и на Барселона, Реал Мадрид и Јувентус, како единствени гиганти што не се откажаа од проектот европска Суперлига, ќе зависат од одлуката на Европскиот суд на правдата. Судскиот процес по тужбата која ја поднесоа трите тима и „А22 Спортс менаџмент“ ќе започне идниот месец, а конечната одлука ќе биде донесена кон крајот на годината.

Тие ја тужат УЕФА бидејќи се противи на формирањето на Суперлигата и се закани дека ќе ги казни сите клубови учесници со исфрлање од нивните натпреварувања, а фудбалерите со исфрлање од репрезентациите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести