Првиот пик на драфтот дебитираше во НБА и веднаш ја почувствува моќта на Дончиќ, кој направи трипл-дабл (Видео)

Францускиот кошаркар Виктор Вембањама, кој летово беше избран како прв пик на драфтот во НБА, дебитираше со пораз во најсилната лига во светот. Сан Антонио спарс на свој терен загуби од Далас маверикс со 119:126 во меч на кој блеска Лука Дончиќ.

Дончиќ одигра одличен меч, на кој заврши со трипл-дабл, и тоа 33 поени, 13 скокови и 10 асистенции. Во победничкиот тим одличен беше и Кајри Ирвинг со 22 поена и шест асистенции.

Сан Антонио добро го започна мечот и во првата четвртина веќе имаше двоцифрена предност (35:24), а иста позитива имаше и пред крајот на втората четвртина, кога беше 68:57. Далас првпат на мечот поведе со 73:72 и во третата четвртина двата тима се менуваа во водство, што беше најава и за неизвесна завршница.

Во финишот на дуелот, Сан Антонио водеше со 119:118, но Далас во најважните моменти со серија од 8:0 стигна до победа. Клучна беше тројката на Дончиќ на 30 секунди до крајот.

https://twitter.com/i/status/1717394037718536474

Првиот пик на драфтот немаше многу добар настап, па Вембањама на крајот заврши со 15 поени, 5 скока, но и пет загубени топки. На спротивната страна, Дерек Ливели, кој беше избран од Далас како седми пик на драфтот, мечот го заврши со 16 поени и 10 скока и само со едно промашување од поле.

Во останатите мечеви кои се одиграа ноќеска: Шарлот – Атланта 116:110, Индијана – Вашингтон 143:120, Њујорк – Бостон 104:108, Орландо – Хјустон 116:86, Бруклин – Кливленд 113:114, Мајами – Детроит 103:102, Торонто – Минесота 97:94, Чикаго – Оклахома 104:124, Мемфис – Њу Орлеанс 104:111, Јута – Сакраменто 114:130, ЛА клиперс – Портланд 123:111.

 

- Оглас -

Најнови вести