Прволигашки фото-финиш за европска виза

Македонија Ѓорче Петров е во пол-позиција за едно од двете преостанати места за излез во Европа, а на финалистот во домашниот куп му треба победа против испаднатата Победа за да го завземе местото на Вардар.

Нашиот најтрофеен клуб со игрите и резултатите на терен заслужи настап во квалификациите за Европа Лигата, но поради финансиски проблеми нема да игра на евросцената. Вардар не доби лиценца и ќе паузира, што им отвори простор и на Работнички, Шкупи, Ренова и Македонија Ѓ.П. да бијат последна битка за европски настап.

Според распоредот и пласманот на табелата директен дуел за пласман на четвртата позиција ќе имаат Работнички и Шкупи, денеска од 16.30 часот.

На „романтичарите“ кои се и домаќини им одговара и реми за да го визираат пасошот. Со нерешен резултат секако ќе бидат пред Шкупи, а во случај на ист број на бодови со Македонија Ѓ.П. и Ренова имаат подобар меѓусебен скор и со двете екипи, па би играле квалификации за Европа Лигата.

На Шкупи му игра само победа, или со реми, или пораз да чека кикс на Македонија Ѓ.П. против Победа и Ренова да не успее да го победи шампионот Шкендија, кој ќе игра со комбиниран состав.

Комбинации има доста, а познато е дека Шкендија е шампион, Вардар ќе биде вицешампион без европска виза, Академија Пандев е зад нив и како освојувач на купот ќе игра квалификации за Европа Лигата, а веќе испаднаа Победа и Беласица.

Силекс ќе игра бараж за опстанок, па останува само да се одлучи за двете екипи, кои заедно со Шкендија и Академија Пандев ќе ја претставуваат Македонија во еврокуповите.

Двојки, последно, 36. коло, 16.30 часот: Работнички – Шкупи, Победа – Македонија Ѓ.П., Академија Пандев – Вардар, Ренова – Шкендија, Силекс – Беласица.

Табела: Шкендија 79, Вардар 63 , Академија Пандев 57, Работнички 46, Шкупи 45, Ренова и Македонија Ѓ.П. по 44, Силекс 41, Беласица 38 и Победа 23.   

 

- Оглас -

Најнови вести