Првпат ќе игра гренслем-финале: Кирјос не го фаќа сон

Ник Кирјос утре за првпат во кариерата ќе настапи на едно гренслем-финале, ќе се бори за титулата на Вимблдон против бранителот Новак Ѓоковиќ.

Иако австралискиот тенисер во два наврати го совладал освојувачот на 20 гренслема и тоа без да загуби сет, утрешниот дуел ќе биде на едно повисоко ниво, а поради тоа Кирјос има трема.

„Само околу финалето размислувам. Ништо не знам околу тоа, не знам како да се чувствувам. Тука е предноста на Ѓоковиќ. Ќе црпи искуство, многупати бил во ваква ситуација и знае што да очекува. А, јас, многу лошо спиев, само на финалето мислам“, истакна Кирјос.

Лошото момче во тенисот до финалето стигна на полесен начин отколку актуелниот првак. Без да ги одмери силите со Рафаел Надал во полуфиналето, откако Шпанецот поради повреда мораше да се откаже.

Дуелот на Централниот терен е предвиден за утре во 15 часот, додека женското финале меѓу Рибакина и Жабер ќе се игра денес во истиот термин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести