ПСВ со акробации не успеа да ги урне Копјаниците (видео)
Захави постигна два одлични погодоци, но не беше доволно за да се издвои победник во големото дерби на „Јохан Кројф арената“

Ајакс и ПСВ во атрактивното реми од 2-2 покажаа дека до крајот на сезоната ќе водат неизвесна битка за титулата во холандското првенство. Гостите од Ајндховен пропуштија голема прилика да ја преземат лидерската позиција на табелата, откако Копјацините анулираа негатива од два гола и спасија важен бод на домашен терен.
Захави блескаше во воведните дваесетина минути со два одлични погодоци, кои беа шлагот на тортата на две акробациски акции на ПСВ. Прво во втората минута младиот Мален атрактивно се снајде и од прва со пета го проигра израелскиот голгетер за 1-0, а точно 20 минути подоцна новата комбинација на Захави и Мален вроди со втор гол.
Промес пред паузата му донесе надеж на тимот на Ерик Тен Хаг, за по голем притисок во вториот дел Ајакс целосно да се врати во игра преку Ентони. Моменти претходно, рекордното засилување на Копјаниците, Себастијан Халер, можеше да го круниса дебито со погодок, меѓутоа поради офсајд позиција му беше скратено радувањето.
Ајакс останува на првото место со 35 бода по 15 натпревари, ПСВ има еден бод помалку.