Пари Сен Жермен со многу мака и по 120 минути игра се пласираше во четврт-финалето на Францускиот куп совладувајќи го Вилфранш со 3-0. „Светците“, кои се убедливи лидери на табелата во првата лига на Франција и имаат супер скап тим кој има големи амбиции и во Европа, се мачеа против третолигашот Вилфранш, но Германецот Џулијан Дракслер со гол во 102-рата минута спречи сензација. Потоа Муса Дијаби во 113-тата и Единсон Кавани во 119-тата минута ги поставија конечните превисоки 3-0.
Клучниот момент беше во 102-та минута. Маркињос во празно го пронајде Кавани, кој центрираше во петерецот на домашните, а Дракслер дотрча и од непосредна близина не му беше проблем да ја смести топката во мрежа.
Средбата не се играше на стадионот на Вилфранш туку во Лион, па затоа и оваа мачна победа против тим од третата лига е срамна за парижаните, кои можеби се во криза бидејќи загубија викендов од Лион во првенството, а сега првпат во 33 меча сезонава (првпат со Томас Тухел како тренер) во сите натпреварувања не постигнаа гол во 90 минути игра. Можеби и претерале со славењето на роденденот на клупскиот колега Нејмар, кој е повреден, но сепак се пласираа во следната рунда и избегнаа сензационална елиминација.