Раководството на Јадранската АБА-лига одлучи Македонија следната сезона да има три претставника во второлигашката конкуренција. Освен шампионот МЗТ Скопје и вицешампионот Пелистер, во АБА-2 лигата ќе игра и екипата на Работнички, која го освои третото место во македонската лига.
Сега се познати и шеширите за новата сезона, која ќе се игра по нов формат, со четири групи со по четири екипи и со натпревари дома-гости.
Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје, се најде во првиот шешир заедно со екипите на Подгорица, Војводина и Златибор. Во вториот шешир нема македонски претставник, а го сочинуваат Борац, Хелиос, Широки и Сутјеска. Во третиот шешир освен вицешампионот на Македонија, Пелистер, се и екипите на Босна, Цедевита јуниор и Илирија.
Четвртиот шешир го сочинуваат екипите кои добија специјална покана, а освен Работнички, тука се и Шибенка, Вршац и Теодо.
Ждрепката за новата сезона во АБА-2 лигата ќе биде извршена на 15 јули.