Работнички по две продолженија го совлада МЗТ, Купот добива нов освојувач

Работнички е вториот финалист во Купот на Македонија во кошарката, откако вечерва во мошне драматичен меч, дури по две продолженија, го победи МЗТ Скопје Аеродром со 93-89. Во финалето, тимот на тренерот Марин Докузовски ќе се сретне со Блокотехна, за која ова е прво финале во Купот.

Најтрофејните македонски клубови во Гевгелија одиграа вистинска класика, двата тима имаа свои моменти и шанса да победат, но деталите, па и среќата беа на страната на тимот од „Градски парк“, кој заморен ќе го игра утрешното финале од 17.30 часот.

„Црвено-белите“ беа многу подобри на почетокот, го контролираа мечот, водеа и со 17 поени разлика, но МЗТ постепено ја топеше негативата и во финишот успеа во неколку наврати и да поведе, а резултатската клацкалка сакаше по 40 минути, семафорот да покаже нерешен резултат. И во првото продолжение Работнички подобро отвори, но МЗТ стигна и се избори за нов екстра период. Во второто продолжение, тројка на Караџовски и кош на Јанески при нерешен резултат, се покажаа како решавачки, и 15-то финале за Работнички кој ја брка десеттата куп титула.

- Оглас -

Најнови вести