Некогашниот македонски првак Работнички стигна до убедлива победа каква што не памтат веќе подолго време. Во меч од шестото коло во првенството на Македонија, Работнички го совлада ФМП со 120:84. Ова е втор триумф во низа за Работнички, кој сезоната ја почна со четири порази.
Уште во првата четвртина Работнички најави дека убедливо ќе победи и првите 10 минути ги доби со 30:14, а на полувреме домаќините имаа постигнато дури 64 поени. Делува неверојатно, но Работнички по три четвртини постигна дури 94 поени, а на крајот домаќините славеа со убедливи 36 поени разлика. Ваква убедлива победа Работнички не памти веќе со години.
Гостивар продолжува со перфектниот учинок и има шест победи, откако на свој терен без проблеми славеше над Струмица со 102:80. За Струмица ова беше петти пораз сезонава.
На гостински терен се радуваше единствено Еуро Никел кај Феникс и тоа со 83:78. Сега Еуро Никел има четири победи и два порази, исто колку што е билансот на Феникс.