Работнички со најмалку еден службен пораз во АБА 2

Екипата на Работнички има четворица заразени кошаркари од коронавирус, уште неколкумина имаат симптоми на болеста, речиси сите играчи и членови на стручниот штаб се во домашна изолација, па не отпатува во Бања Лука, БиХ, каде денеска почнува вториот турнир од АБА 2 лигата.

Вечерва од 21 часот најтрофејниот македонски клуб требаше да се сретне со сараевски Спарс, но тој меч нема да се одигра, па на Работнички му беше доделен службен пораз од 0-20.

Сите тимови треба да одиграат три кола на турнирот во Бања Лука. После вечерашниот меч со Спарс кој нема да се игра, Работнички треба да игра уште в четврток со Горица и в недела против Златибор. Има најави дека доколку се најде некој начин и компромис, за раководството на АБА 2 лигата е прифатливо Работнички со малкуте здрави играчи сепак да замине и да ги одигра барем двете средби на 21 и 24 јануари, но сето тоа е под знак прашалник.

Другиот македонски претставник во оваа регионална лига, МЗТ Скопје Аеродром, нема вакви проблеми, Металците веќе се во Бања Лука, и се подготвуваат за утрешниот дуел со словенечкиот Хелиос санс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести