Радески даде еврогол за Струга ТЛ, а селекторот пред пет дена кажа дека е повреден (Видео)

Струга ТЛ со 3:1 го победи Тиквеш во меч од шестото коло на Прва лига, а најубавиот момент на мечот беше погодокот на Марјан Радески. Македонскиот репрезентативец на мајсторски начин успеа да го совлада гостинскиот голман, кога и донесе предност од 1:0 за актуелниот шампион.

Се играше 15-тата минута кога по еден центаршут, Радески на мајсторски начин се снајде и речиси од зад грб успеа да ја удри топката и да ја испрати во мрежата за водство на Струга од 1:0.

Искусниот Радески одигра до 82-рата минута, а кога беше решено дека Струга ТЛ ќе ги освои трите бода, голгетерот беше повлечен од игра и од клупата за резерви ги проследи последните 10-тина минути од дуелот.

Овој погодок за Радески, а воопшто и неговото играње за Струга ТЛ беше изненадување за многумина затоа што само пред пет дена селекторот Благоја Милевски на прес-конференција откри дека напаѓачот на Струга бил повикан во составот за дуелите со Италија и Малта, но потоа тој отпаднал од конкуренција поради повреда на тетивата.

Многу збунувачки, фудбалер кој пред пет дена испаднал од конкуренција за состав во националниот тим, денеска даде еврогол и одигра 82 минути за својот тим. Радески нема да го гледаме за Македонија на дуелите против Италија и Малта, но тоа не му пречи на фудбалерот да игра одлично за својот клуб.

Македонија на 9 септември на Арената „Тодор Проески“ ќе го пречека европскиот првак Италија, а три дена подоцна ќе гостува на Малта.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести