Радувај се Македонијо! Историска победа над Исланд, сонот сега е Светско првенство (Видео)

Македонија го победи Исланд со 3:1 (1:0), триумф кој е историски затоа што нашата репрезентација за првпат обезбеди место во бараж за Светско првенство. Фудбалските херои завршија на второто место во квалификациската група со 18 бодови. Само четирикратниот светски првак Германија е пред нас со 27 бодови, додека зад Македонија се: Романија со 17 бодови, Ерменија 12, Исланд 9 и Лихтенштајн со еден бод.

За нашите фудбалери одлично почна мечот на „Тодор Проески“. Избраниците на Благоја Милевски од првата минута тргнаа во напад, а тоа резултираше со погодок само по седум минути игра. Трајковски одлично го проигра Алиоски, а овој со силен и прецизен шут ја затресе мрежата на гостите.

Малку фалеше Македонија да води со 2:0 на полувреме, но погодокот на Дарко Чурлинов беше постигнат по милиметарски офсајд.

Второто полувреме не започна како што сакавме. Исланд во првата посериозна шанса стигна до гол. Израмни преку Торстенсон во 54-тата минута.

Нашите фудбалери брзо се вратија по доживеаниот шок. Само 10 минути по голот на гостите, Елиф Елмас по втор пат донесе радост за Македонија и за околу 17.000 гледачи на „Тодор Проески“.

Во 78-мата минута Исланд остана со играч помалку по исклучувањето на Јохансен, а тоа даде дополнителни мотиви кај нашите. Дилема околу тоа дали Македонија ќе победи или не стави Елмас.

Играчот на Наполи со својот втор погодок, овојпат во 86-тата минута, зголеми на 3:1 и тоа беше знак дека Македонија може да се подготвува за историскиот бараж за планетарниот собир.

 

- Оглас -

Најнови вести