Рафаел Надал е нов лидер на АТП-листата, но не му е до славење

Рафаел Надал од денеска е нов лидер на тениската АТП ранг-листа на најдобри тенисери во светот. Го надмина Новак Ѓоковиќ, кој падна на втора позиција, но ваквата состојба може да трае само две недели, поточно до 17-ти ноември, а од 18-ти повторно Србинот да биде „рекет број 1“.

Надал без борба го предаде полуфиналето на Мастерсот во Париз поради повреда на стомачен мускул, а денеска ќе се снима на магнетна резонанца. На ултразвук се видело мало кинење на мускулот предизвикано на тренинг при сервирање. Лекарите препорачуваат една недела одмор за кинење од еден сантиметар мускулно влакно. Ако повредата на Надал е поголема од 1 сантиметар, тој нема да може да игра на завршниот Мастерс во Лондон.

ПАРИСКИ ОКСИМОРОН – НА „РОЛАН ГАРОС“ Е РЕЧИСИ НЕПОБЕДЛИВ, А ВО „БЕРСИ“ Е ВЕЧЕН ГУБИТНИК

Надал кога игра во мај на земјените терени на „Ролан Гарос“, од година во година испишува историја. Таму има неверојатни 12 титули, но кога ќе дојде ноември и време за настап на Мастерсот на тврда подлога во салата „Берси“, Париз и не е омилено место за Рафа. Тој никогаш во кариерата не го освоил парискиот Мастерс од серијата 1000.

Сега во мислите му е само Лондон и да игра таму заедно со другите седуммина најдобри тенисери на светот. За крај, ќе му остане Дејвис купот.

НА НОЛЕ МУ ТРЕБА ФИНАЛЕ ИЛИ ТИТУЛА ВО ЛОНДОН ЗА ГОДИНАТА ДА ЈА ЗАВРШИ ПРВ

Шансите на Надал и Ѓоковиќ за завршување на годината на прво место се изедначени. Ако Надал е здрав и игра во Лондон, на Србинот нема да му биде лесно да се врати на тронот. Во моментов Надал има 640 поени предност.

Доколку Надал добие два меча во групите, тогаш Ѓоковиќ за да биде прв, мора да го освои турнирот. Но, ако Надал не игра во Лондон, тогаш и пласман во финалето ќе му заврши работа на Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести