Рајо го држеше како резерва – Димитриевски доаѓа денеска, Македонија го чека Барди за да биде комплетна

Столе Димитриевски беше резерва на последните два меча за Рајо Валјекано, нема да брани за шпанскиот второлигаш ниту во плејофот за пласман во Ла Лига, а денеска во 14 часот ќе ѝ се приклучи на македонската репрезентација на подоготовките пред настапот на ЕП.

„Денеска го очекуваме и Столе Димитриевски да ни се приклучи, па останува само да слушнеме добри вести и за Енис Барди. Ме радува што нема симптоми на корона-вирус, па очекуваме и негативен тест за него во следните денови“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

Македонската фудбалска репрезентација е во екот на подготовките за историскиот настап на големо натпреварување, а ќе играме на ЕП, за почеток во Ц групата.

Ривали ни се Австрија на 13 јуни во Букурешт, потоа и Украина на 17 јуни повторно во главниот град на Романија и за крај на фазата по групи и Холандија, на меч што ќе го играме на 21 јуни во Амстердам.

Како загревање за настапот на континенталниот шампионат ќе ни послужат двата контролни натпревари. Утре во Скопје од 18 часот противник ќе ни биде Словенија, а со Казахстан ќе ја имаме премиерата пред ЕП, исто така во Скопје на 4 јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести