Рајо тргна со победа, а Столе со чиста мрежа во Новата година: Совладан Хетафе во малото мадридско дерби

Столе Димитриевски и Рајо Ваљекано имаа одличен старт на Новата година откако со 0-2 го совладаа Хетафе на гостински терен. Со тоа заврши катастрофалната серија од осум првенствени натпревари без победа за клубот од предградието на Мадрид.

Победата за Рајо Ваљекано ја донесе Серхио Камељо со два погодока, а она што е најважно за нас е тоа што Столе Димитриевски и осми пат оваа сезона успеа да ја сочува својата мрежа нечепната.

Работата за Рајо Ваљекано беше олеснета и со двата црвени картони кои ги заработи домашниот состав во 40-тата минута при резултат 0-0 и во 50-тата, кога веќе беше 0-2 за гостите. За доминацијата на Рајо Ваљекано доволно говори и фактот што фудбалерите на Хетафе не упатија ниту еден удар во рамките на голот на Столе Димитриевски.

Рајо Ваљекано со оваа победа останува на 11-тата позиција со 23 бодови, колку што има и Валенсија, додека Хетафе останува осмопласиран со 26 поени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести