Ракометарите денеска и утре тестираат со Грција

Ракометната репрезентација на Македонија денеска и утре од 17.30 часот во салата „Микра“ во Солун, во рамките на ЕХФ-неделата ќе одигра два контролни натпревара против Грција.

Селекторот Кирил Лазаров во Солун поведе 18-мина ракометари, кои ќе одиграат два меча со противник, кој како и Македонија, обезбеди пласман на Европското првенство кое во јануари идната година ќе се игра во Германија.

Селекцијата на Грција не е наивен противник бидејќи во последните неколку години постојано бележи напредок и на клупски и на репрезентативен план и тоа резултира со пласман на ЕП 2024.

Македонија и Грција одиграа два меча во квалификациите за пласман на ЕП 2020 и Црвено-жолтите имаат половичен ефект. Грција славеше на домашен терен во Кожани со 28:26, додека Македонија во Струмица ја совлада со 27:23.

„Ќе одиграме два пријателски натпревара против Грција на кои можеме да пробаме одредени работи и да видиме што треба да поправиме за Европското првенство, каде што нè чека тешка група. Играме со противник кој во последните години вложува во ракометот, ќе игра на ЕП 2024 година и притоа има екипи кои играат на европска сцена. Пред нас се два квалитетни нaтпревара, добра шанса да видиме до каде сме за да можеме да се коригираме до почетокот на ЕП во јануари“, вели Филип Талески.

- Оглас -

Најнови вести