Ракометарите на Вардар ги „откачија“ фудбалерите: Титулата ќе ја слават одвоено!

Ракометниот клуб Вардар преку соопштение ги информира навивачите дека клубот ќе организира прослава на титулата во сабота, со почеток во 20:30 часот, на локација која дополнително ќе биде објавена, а тоа значи дека нема да има заедничко славење со фудбалерите на Вардар.

Извршниот директор на ФК Вардар, Миленко Неделковски, неодамна најави дека титулите на двата клуба ќе се слават во сабота, со почеток во 20 часот, на „Школка“ во Градскиот парк, веднаш по последниот првенствен меч против Шкендија.

Во продолжение целосното соопштение на РК Вардар:

АД Ракометен клуб Вардар 1961 имаше исклучително успешна сезона во која ги обедини титулите во Македонија и имаше успешен настап во Европа. Горди сме што овие успеси ги постигнавме пред полни сали и го привлековме вниманието на целокупната спортска јавност.

Овие успеси немаше да бидат возможни без нашите навивачи, но и без нашите спонзори, партнери и пријатели. По тој повод, пред извесен период ние веќе го дефиниравме датумот и ги испративме поканите за нашата прослава на која ќе присуствуваат сите играчи, членови на стручниот штаб, раководството на клубот, спонзори и ВИП личности.

Прославата ќе биде одржана на 23 мај (сабота), со почеток во 20:30 часот, па не би можеле да присуствуваме на прославата која ќе биде организирана од страна на ФК Вардар, а на која беше најавено нашето присуство.
На нашите колеги од ФК Вардар им ја честитаме титулата и им посакуваме успешен настап во Европа“, велат од Ракометниот клуб Вардар.
- Оглас -

Најнови вести