Ракометарките ги дознаваат противниците за ЕП, ова се можните ривали (Фото)

Женската ракометна репрезентација на Македонија денес ќе ги дознае ривалите од групната фаза за настапот на Европското првенство кое од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Нашите ракометарки првпат по 12 години обезбедија пласман преку квалификациите, а ова ќе биде и второ учество по ред, со оглед на тоа дека на минатиот шампионат, Македонија беше еден од домаќините.

Ждрепката која денес се одржува во Виена со почеток во 18 часот ја чекаме од третиот шешир, во кој се уште и репрезентациите на Словенија, Хрватска, Полска, Србија и Исланд, што значи дека против нив нема да може да играме.

Можни противници од првиот шешир ни се: Норвешка, Данска, Црна Гора, Франција, Шведска и Холандија и тука немаме голем избор за посакувани противници, но од вториот шешир репрезентациите на Швајцарија и Австрија изгледаат како поволен избор. Освен двата домаќина, во вториот шешир се и Германија, Шпанија, Романија и Унгарија.

Во најслабиот шешир по квалитет се селекциите на Чешка, Украина, Турција, Фарски Острови, Португалија и Словачка и се чини дека освен првите две, останатите се добар избор за противници.

Групната фаза од Европското првенство ќе се игра во Дебрецин, Базел и Инсбрук. Главната рунда е во Дебрецин и Виена, додека главниот град на Австрија ќе биде домаќин и на завршницата.

- Оглас -

Најнови вести