Ракометот и во 2018 година беше нашиот најуспешен спорт

Ја испраќаме 2018 година со заклучок дека ракометот повторно беше спортот кој ни донесе најмногу успеси и радости. Веќе како по традиција, една година ја испраќаме, а друга ја дочекуваме во ракометна еуфорија. Така е и овојпат.

Со одбројувањето на крајот на 2018 година, одбројуваме и почеток на Светското првенство во Германија и Данска, на кое учествува и Македонија. Нашите ракометари ќе се обидат преку Мундијалот да стигнат и до Олимписките игри во Токио во 2020 година, но за тоа треба да се добијат многу битки, како што беше во 2018 година.

ОДЛИЧНО ВО ЗАГРЕБ, ДЕБАКЛ ВО ВАРАЖДИН

Оваа година започна со Европското првенство во Хрватска. Македонија беше во група со Германија, Словенија и Црна Гора, а на изненадување на многумина, го освои првото место. Победа од 25:24 против Словенија, потоа повторно минимален триумф над Црна Гора (29:28) и на крајот драматично реми против Германија (25:25) за еуфорија пред мечевите од втората фаза, кои се играа во Вараждин.

И кога требаше да се продолжи во победнички ритам, нашите ракометари едноставно паднаа. Два убедливи порази од Шпанија и Данска со идентични 31:20 и минимален неуспех против Чешка (24:25) за последно шесто место во оваа група и конечен пласман на 11-тата позиција на континенталниот собир. Во завршницата на ЕП, во финалето Шпанија со 29:23 ја победи Шведска и стигна до златото. Бронзата ја освои Франција по победата над Данска со 32:29.

ГОРЧЛИВ ПОРАЗ ОД ГРЦИЈА

Во октомври, Македонија ги започна и квалификациите за ЕП 2020. Во група со Исланд, Грција и Турција, едно од првите две места кои водат директно на завршницата не би требао да е проблем.

Почнавме со победа против Турција од 31:27 во Битола, но потоа следуваше шок. На гостувањето во Козани, Грција победи со 28:26, што е еден од најсрамните порази во последниве неколку години. Квалификациите продолжуваат во април, а завршуваат во јуни, кога треба да се обезбеди барем второто место и да се заборави поразот од Грција.

ВАРДАР Е ИМЕТО КОЕ БЛЕСКАШЕ НА КЛУПСКИ ПЛАН ВО ЕВРОПА

Кога се работи за клупската сцена, Македонија во 2018 година влезе како земја која доминира. Машкиот тим на Вардар во улога на актуелен европски првак, а женскиот тим како континентални вицепрваци. По одличните настапи во групните фази, и двата тима на Вардар повторно се најдоа на фајнл фор завршниците.

За женскиот тим на Вардар се знаеше дека ќе ја има последната шанса за европската круна, бидејќи сопственикот Сергеј Самсоненко најави дека повеќе нема да вложува во тој тим. Девојките во „црвено-црни“ дресови стигнаа до финалето, а повторно за ривал го имаа Ѓер, кој практично ја има уогата на домаќин на фајнл-фор турнирите во Будимпешта.

Во едно од најнеизвесните финалиња, по 60 минути беше нерешено (20:20), а Вардар е тимот кој жали што не се радуваше во регуларниот дел. Во продолженијата, Ѓер беше постабилен и на крајот се радуваше на победа од 27:26. Вардарки со солзи во очите се простија од последната шанса да му донесат историски успех на клубот. Неколку дена подоцна, тој несуден шампионски тим се распадна и сега Вардар воопшто не е дел од женската Лига на шампионки.

МОНПЕЛЈЕ ЗАСТАНА НА „ЦРВЕНО-ЦРНИОТ“ ПАТ И СЕ ИСКАЧИ НА ТРОНОТ

Машкиот тим на Вардар во Келн отпатува како шампион на Европа. Сепак, притисокот да се одбрани тронот го направи своето, па Вардар во полуфиналето загуби од Монпелје (27:28), иако нашиот шампион беше фаворит пред средбата.

Во борба за третото место, нов минимален пораз на Вардар, овојпат од ПСЖ. Тоа е тимот каде што во новата сезона замина Раул Гонзалез, творецот на европскиот Вардар. Монпелје стана нов првак на Европа откако во француското финале со 32:26 го победи Нант на нашиот Кирил Лазаров.

ЗАВРШНИЦАТА НА СЕХА ВО СКОПЈЕ, ПЕХАРОТ ОСТАНА ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Фактот дека Вардар има тим за највисок пласман во Европа, автоматски значи дека „црвено-црните“ треба да доминираат во сите други натпреварувања. Така и беше. Вардар го одбрани пехарот во регионалното натпреварување на СЕХА откако на завршницата, која беше во „Јане Сандански“, во финалето нашиот првак го победи Загреб со 26:24.

Вардар беше доминантен и на домашна сцена, па во витрините ги донесе и пехарите од првенството и Купот на Македонија.

И оваа сезона Вардар одлично игра во ЛШ и СЕХА-лигата, што значи дека и во 2019 година ќе има возбудувања на клуспки план. Сепак, сега прво да се фокусираме на Мундијалот во Германија и Данска и да навиваме за момчињата на селекторот Раул Гонзалез.

 

- Оглас -

Најнови вести