Рамос избран за најдобар дефанзивец на сите времиња

Серхио Рамос е избран за најдобар дефанзивец на сите времиња само два дена по Ел Класико, во кое Реал Мадрид триумфираше со 3-1 над Барселона. Капитенот на Кралевите и шпанската репрезентација беше стрелецот на вториот гол. Рамос како рекордер според настапите во дербијата Ел Класико, реализираше од белата точка и ја најави победата на „Камп ноу“.

Реномираниот француски весник „Франс фудбал“ одлучи да спроведе анкета непосредно по мегадуелот, па така дури 62% од читателите гласаа дека Рамос е најдобар стопер на сите времиња. Фудбалската ѕвезда ја сподели анкетата на „Твитер“ со натпис дека е горд со самото тоа што „Франс фудбал“ го постави прашањето дали е најдобар одбранбен играч.

Темата е дискутабилна, со оглед на тоа кои сè дефанзивци играле пред Рамос и оставиле длабока трага во фудбалот, но несомнено Шпанецот е во друштвото на легенди на таа позиција според неприкосновеноста во одбраната, но и квалитетите кои ги поседува за постигнување голови.

Во повеќе од 800 настапи за Севилја, Реал Мадрид и Шпанија, Рамос брои 115 погодоци во сите натпреварувања, учинок кој е импресивен за дефанзивец.

- Оглас -

Најнови вести