Рамос може само да сонува за рекордот на фудбалерот со најмногу црвени картони

Серхио Рамос ќе сака што е можно побрзо да го заборави синоќешниот меч против Манчестер сити. Неговиот Реал загуби со 1:2, капитенот беше виновен за првиот погодок на гостите, а пред крајот на средбата заработи и црвен картон, па нема да може да игра на реваншот, кога на Кралскиот клуб ќе му биде потребно да направи мало чудо.

Со исклучувањето, Рамос само уште еднаш потврди дека е еден од играчите кои добиле најмногу жолти и црвени картони во историјата на фудбалот. Тој ги држи неславните рекорди во репрезентацијата на Шпанија, во Реал, но и во шпанската лига и Лигата на шампионите. 

Вкупно, Рамос во кариерата има добиено 27 црвени картони (26 во дресот на Реал и еден како играч на Севилја), а интересно е што ниту едно исклучување нема во репрезентативниот дрес на Шпанија, иако е најопоменуваниот фудбалер со жолти картони. Иако држи голем број неславни рекорди за картоните, Рамос сепак е далеку од светскиот рекорд.

Моментно капитенот на Реал се израмни со Сирил Рол, некогашната ѕвезда на францускиот тим Ница. Рол во кариерата имаше 27 исклучувања и е на второто место на листата на најисклучувани играчи. Далеку пред сите, рекордер во светскиот фудбал е некогашниот репрезентативец на Колумбија Герардо Бедоје.

Колумбиецот кој никогаш не заиграл во Европа, а кариерата ја заврши во 2015 година, вкупно бил исклучен на 46 натпревари. Бедоје вкупно играше 20 години, а според бројот на добиени црвени картони, уште долго време нема да има кој да го симне од тронот. Рамос, кој е „мастер“ за исклучувања, сега заостанува 19 црвени картони зад рекордерот.

 

- Оглас -

Најнови вести