Рамос во нов скандал: Дали сега УЕФА ќе му даде дополнителна казна?

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос може да се најде во неочекуван проблем. На дуелот против Ајакс, Рамос доби жолт картон во 89 минута, откако го фаулираше Каспер Долберт. Поради тој жолт картон, Рамос ќе го пропушти реваншот против холандскиот тим, но тоа се очекува да не биде голем проблем, бидејќи Реал славеше со 2:1 во Амстердам и на свој терен не би требало да ја прокоцка таа позитива.

Веднаш по синоќешниот дуел, Рамос призна дека намерно сакал да добие жолт картон и да не игра на реваншот, но на тој начин ќе биде „чист“ за следните мечеви во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

„Имајќи го во предвид конечниот резултат, ќе излажам ако кажам дека не форсирав да добијам жолт картон“, изјави Рамос веднаш по мечот.

Според правилата на УЕФА, играчот кој намерно добил жолт картон за да може да паузира на следниот меч, ќе добие суспензија од две средби. Тоа е казната која сега треба да ја добие Рамос, кој самиот призна дека намерно добил жолт картон.

Откако сфати дека направил лошо со тоа што призна дека инсистирал да добие жолт картон, Рамос реши на социјалните мрежи да се „извади“ за киксот кој го направи.

„Потенцирам дека навистина ми е жал бидејќи нема да можам да играм на реваншот против Ајакс. Не сакав намерно така да се случи. Сега ќе го бодрам Реал Мадрид од трибините како навивач и се надевам дека ќе стигнеме до четвртфиналето“, подоцна напиша Рамос.

Ова не е прв пат Рамос да калкулира и намерно да добива жолт картон, за да не игра на следниот меч. Истото го има направено во 2010 и 2013 година, кога се „исчисти“ од картоните, за да може без проблем да игра во следната фаза од Лигата на шампиони.

- Оглас -

Најнови вести