Рашфорд: Мурињо нè научи како да изнудуваме пенали!

Манчестер јунајтед е тим со најмногу изведени пенали во Премиерлигата во оваа сезона, и во минатата сезона беше исто, а Маркус Рашфорд откри дека Црвените ѓаволи научиле како да изнудуваат пенали во времето кога менаџер им бил Жозе Мурињо.

Рашфорд вели дека тој и неговите соиграчи често се караат на тренинзи околу тоа кој треба да ги шутира пеналите. Менаџерот Оле Гунар Солскјер најголема доверба има во Бруно Фернандеш, Португалецот е првата опција за изведување на ударите од белата точка. Од почетокот на сезонава, Бруно шутна 8 пенали, и даде 7 гола.

Во последната година, освен Фернандеш, пенали за Манчестер јунајтед реализираа и Рашфорд, Антони Марсијал, Хуан Мата, Пол Погба и Мејсон Гринвуд.

„На тренинзите е пострашно отколку на натпреварите. Се караме секој ден“ – вели Рашфорд.

Јунајтед засега сезонава изведе 11 пенали во сите натпреварувања, а во минатата сезона имаа 22. Според Рашфорд, таа бројка е нормална бидејќи тимот игра офанзивно и често е во противничкиот 16-ник.

„Ние напаѓачите сакаме да даваме голови, не сакаме некој да нè собори кога имаме шанса. Но, противниците сакаат да нè спречат да дадеме гол и се случуваат пенали. Под раководство на Мурињо, се случи пет или шест пати да ме фаулираат во 16-никот и јас не паѓав. Тој ми кажа дека ако не сум доволно умен и убедлив, никогаш нема да свират фаул над мен. После тоа, почнавме да добиваме пенали. Тоа се работи кои се учат со годините” – вели десетката на 20-кратниот англиски првак.

- Оглас -

Најнови вести