Раул го откри единствениот начин како може да се победи Исланд

Македонската ракометна репрезентација вечерва против Исланд ќе го одигра решавачкиот меч од групната фаза на Светското првенство во Германија и Данска. Со две победи и два порази, Македонија со четири бодови е на четвртото место. Со ист биланс е и Исланд, кој поради подобрата гол-разлика, се наоѓа на третото место, последното кое води во следната фаза на Мундијалот.

На Македонија ѝ е потребна победа против Исланд за да стигне до посакуваното трето место. Со реми, Исланд ќе остане трет, а Македонија ќе извиси. Селекторот на Македонија, Раул Гонзалес, верува дека вечерва може да се радуваме, а Шпанецот ја знае и формулата за тоа како да се стигне до победата.

„Исланд е многу квалитетен тим, но верувам дека можеме да победиме. За да го реализираме тоа, потребно ни е едно сценарио. Ако одиграме како Шпанија во првото полувреме, ќе имаме шанса да победиме. Овој меч со Исланд за нас е како финале“, рече селекторот Раул.

Против Исланд досега имаме одиграно 15 натпревари, а сме се израдувале само трипати. Еден меч завршил нерешено, а противникот победил дури 11 пати.

- Оглас -

Најнови вести