Реал – Барса ќе го суди истиот арбитер од ланското Ел Класико на „Сантијаго Бернабеу“

Големото дерби на шпанскиот и светскиот фудбал, дуелот на Реал Мадрид и Барселона, кој е закажан за в сабота вечер од 21 часот во главниот град на Шпанија ќе го суди веројатно најдобриот судија што го имаат во Шпанија, Антонио Матеу Лахоз.

Мечот е многу значаен од милион причини, па за поголема регуларност, одреден е искусниот судија кој и лани го судеше Ел Класико, тогаш на „Сантијаго Бернабеу“ со публика и Реал триумфираше со 2-0. Ова е првпат во историјата од едно до друго лигашко Ел Класико во иста сезона да се чекаат пет и пол месеци, па затоа со нетрпение се чека пресметката на гигантите.

Матеу Лахоз синоќа судеше на дуелот Баерн Минхен – ПСЖ. За него ова ќе биде шести дуел помеѓу најтрофејните шпански клубови и најголеми ривали, но во лигата им судел само двапати, лани кога победи Реал и во март 2015 година на „Камп ноу“, кога Каталонците победија со 2-1 и тоа е нивна единствена победа против Реал со овој судија на терен.

На Реал и Барса им судеше и во шпанскиот Суперкуп во 2012 година, во финалето на шпанскиот Куп во 2014 година, како и на првиот меч од полуфиналето на Купот во 2018/19. На овие три меча секогаш имаше голови на двете страни.

Севкупниот скор на Лахоз е три победи на Реал и по една победа на Барса и нерешено. Сезонава Лахоз му судеше на Реал еднаш, и тоа на мадридското дерби против Атлетико, кое Кралевите го добија со 2-0. На Барселона ѝ судеше во три наврати. Победи против Осасуна од 4-0 и Атлетик Билбао од 2-1, но и пораз од Севилја од 0-2 во првиот меч од полуфиналето на Купот.

- Оглас -

Најнови вести