Реал го имаше Хаверц „на тацна“, но корона-вирусот го спречи големиот трансфер

Реал Мадрид имаше голема предност во однос на ривалите Баерн Минхен и Челзи за потписот на Кај Хаверц, меѓутоа финансиската криза предизвикана од пандемијата со корона-вирусот ги спречи Кралевите да го одврзат ќесето.

На Хаверц му беше желба да игра за шпански гигант, па неговиот агент сам го понудил германскиот офанзивец на Кралевите. Откако добиле негативен одговор, Хаверц одлучил да не троши време и се насочи кон преселба во Лондон, каде што ќе биде промовиран како големо засилување на Челзи по репрезентативниот циклус во Лигата на нациите.

Хаверц уште изминатиот четврток ги заврши медицинските прегледи во Лондон и ги прифатил условите околу петгодишниот договор, а во меѓувреме Челзи и Леверкузен се договорија на сума од 90 милиони евра плус бонуси.

Младата германска ѕвезда вечерва ќе има прилика да им покаже на Кралевите што испуштиле од раце во дуелот против Шпанија во Лигата на нациите.

- Оглас -

Најнови вести