Реал Мадрид на Рамос ќе му направи чест каква немаа ни Ди Стефано, Раул, Касилјас, Роналдо…

Дуелот помеѓу Реал Мадрид и Севилја кој се игра вечерва од 21 часот, ќе биде прилика за Кралскиот клуб да му оддаде чест на својот поранешен капитен Серхио Рамос кој првпат гостува на „Сантијаго Бернабеу“ по заминувањето од Реал.

Фановите на Реал вечно ќе му бидат благодарни на Рамос за радостите кои им ги носеше, и за голот во 93-тата минута од финалето на Лигата на шампионите пред десет години против Атлетико Мадрид, кога го спаси тимот од пораз и ја најави десеттата јубилејна европска титула.

Многу големи легенди на Реал како Ди Стефано, Пири, Замора, Мичел, Бутрагењо, Раул, Касилјас, Кристијано Роналдо и многу други, немаа јавно простување на стадион со публиката во Мадрид откако си заминаа од Реал.

На 1 март 2020 година, Реал ја победи Барселона со 2-0, и тогаш никој не ни сонуваше дека тоа ќе биде последниот настап на Рамос на полн „Бернабеу“ како играч на Реал.

Вечерва дефанзивецот во дресот на Севилја ќе му гостува на својот Реал Мадрид и најави дека нема да слави ако постигне гол, но дека ќе се труди да даде гол. Публиката во Мадрид вечерва ќе му даде овации, но сепак ќе посакува тој и Севилја да бидат поразени.

- Оглас -

Најнови вести