Во Реал Мадрид уште се во шок после вчерашната повреда на голманот Тибо Куртоа, но клубот веќе се соочува со реалноста и почна да бара нов квалитетен чувар на мрежата.
Утревечер на гостувањето кај Атлетик Билбао на стартот од шпанската лига, на голот на Реал ќе мора да биде Украинецот Андриј Лунин, кој во нормални услови е резерва и грее клупа.
Раководството и стручниот штаб на Реал го пикираа Јасин Боно од Севилја како идеална замена за Куртоа. Кралскиот клуб преговара со Севилја за Боно, Реал нуди 20 милиони евра, но има и еден проблем, Боно е Мароканец, а во јануари и првата третина од февруари, се игра Африканскиот куп на нации.
Во тој период, Реал теоретски може да одигра дури 13 меча од кои пет во Ла Лига, на кои Боно би бил отсутен поради настапи за репрезентацијата па и тогаш ќе мора да брани Лунин кој не се прослави минатата сезона кога добиваше шанса.
Интересно е Боно беше трет голман на Атлетико Мадрид во 2012 година кога прв чувар на мрежата на Јорганџиите беше Куртоа. Реал како да има мерак на екс голмани на градскиот ривал, во летото 2015 беа блиску да го купат Давид Де Геа кој и сега беше на листата на кандидати за голманскиот дрес во Реал.