Реал во септември ќе се изнаигра против своите ексчленови

Реал Мадрид се соочува со една необична ситуација во наредниот период, а тоа е низа натпревари против клубови во чии редови има некогашни членови на мадридскиот гигант.

Оваа серија почнува задутре, против Леванте, за кој игра напаѓачот Борха Мајорал. Реал во минатото имаше непријатни искуства со голгетери (Ето, Мориентес и Мората) од кои се откажуваше, а потоа му даваа клучни голови. Мајорал е позајмен во Леванте, но смее да игра против својот клуб со којшто има договор.

В среда Реал гостува во Париз, кај ПСЖ. Кај Светците ќе го нема суспендираниот Нејмар, можеби ќе го нема нити повредениот Мбапе, но на голот ќе биде Кејлор Навас и во средниот ред ќе бидат Пабло Сарабија и Анхел ди Марија.

На 22 септември белите од Мадрид имаат ново пеколно гостување, кај Севилја. Тренер на Севилја е Хулен Лопетеги, кој лани сезоната ја почна на клупата на Реал, а на левата бековска позиција е младиот Серхио Регилон, кој е позајмен и веројатно нема да се врати во Реал додека таму е Марсело или додека не биде сменет Зинедин Зидан.

И конечно, на 28 септември Реал ќе гостува кај Атлетико Мадрид. Таму Реал ќе се соочи со „своите деца“ Алваро Мората и Фернандо Љоренте, а дресот на Атлетико го носи и Марио Ермосо кој Реал можеше да го откупи од Еспањол само за 7,5 милиони евра, но се реши одбраната да ја освежи со 50-милионската резерва Едер Милитао.

- Оглас -

Најнови вести