Реприза од пред точно 20 години: Големото миланско дерби во полуфиналето од ЛШ

Градските ривали Интер и Милан ќе играат во полуфиналето од Лигата на шампионите. Откако Милан синоќа си обезбеди место меѓу четирите најдобри, вечерва Интер се радуваше на пласман во следната фаза.

Нераѕурите на свој терен одиграа 3:3 против Бенфика, а ако на овој резултат се додаде и триумфот од 2:0 на првиот дуел одигран во Лисабон, италијанскиот гигант заслужено се најде во полуфиналето.

Голгетерската низа на „Џузепе Меаца“ ја отвори Николо Барела во 14-тата минута, а Бенфика израмни во 38-мата минута, па на полувреме се замина со нерешен резултат. Да нема дилеми околу патникот во полуфиналето, се погрижија Лаутаро Мартинес, кој погоди во 65-тата минута, и Жоакин Кореја во 78-мата минута. До крајот на дуелот, Бенфика со головите на Антонио Силва и Муса направија да биде чесно простување на португалскиот тим во ЛШ.

Ова нема да биде првпат Интер и Милан да играат во полуфинале на Лигата на шампионите. Ова всушност ќе биде реприза на полуфиналната пресметка од пред точно 20 години. Во сезоната 2002/03, Милан како домаќин одигра 0:0, а потоа кога Интер беше домаќин, средбата заврши 1:1, па Росонерите се пласираа во финалето затоа што тогаш важеше правилото „гол постигнат на гости“. Ова правило веќе не важи, што значи дека сега патникот во финалето ќе биде тимот што ќе даде барем еден гол повеќе од противникот.

- Оглас -

Најнови вести