Ретко ваков чесен фудбалер: Да, требаше да добијам црвен картон

Аталанта уште еднаш потврди дека е еден од најнезгодните ривали за Јувентус, па Старата дама синоќа треба да биде задоволна и со еден освоен бод, иако мечот се играше во Торино. Јувентус има само една победа во последните шест меча со ривалот од Бергамо.

Мартен де Рон беше еден од најдобрите играчи кај Аталанта, човекот кој држеше контрола на средината на теренот. Сепак, навивачите на Јувентус имаат забелешка за еден старт на Де Рон во второто полувреме, кога со отворен ѓон стартуваше врз Хуан Квадрадо.

„Требаше да бидеш исклучен за стартот над Квадрадо“, напиша еден навивач на „Твитер“, а потоа следуваше и одговор од Де Рон.

„Се согласувам. Задоцнив со стартот и бев прегруб. Се надевам дека на сите им е јасно дека тоа не беше мојата цел. Му се извинувам на Квадрадо“, возврати Де Рон.

Квадрадо не беше повреден и го доигра целиот меч, а Де Рон со изјавата само покажа дека е голем фудбалер и дека секому може да му се случи да задоцни во обидот на дозволен начин да го сопре противникот.

 

- Оглас -

Најнови вести