Кожув извојува изненадувачка и важна победа над МЗТ Скопје Аеродром во дуел од Првата кошаркарска лига на Македонија. Гевгеличани беа подобри од шампионот со 74-71 и делумно му се реваншираа на МЗТ за убедливиот пораз кој им го нанесе во финалето на Купот пред неполн месец, истотака во салата „26 Април“ во Гевгелија.
МЗТ ја доби првата четвртина со 20-12 и ништо не навестуваше дека Кожув има сили за триумф. Но, вториот и третиот период им припаднаа на гевгеличани кои повеќе ја посакуваа победата која им требаше во борбата за место во плејофот.
МЗТ и покрај поразот останува прв на табелата, а во следното коло игра дома со вториот ТФТ, па ако аеродромските Штркови победат, ќе ја осигураат првата позиција пред разигрувањето за титулата.
Вечерва и на другите две средби победија домашните екипи. МКК Куманово го совлада Шкупи со 83-75, а Тиквеш го надигра Чаир со 84-76.