Револуција во фудбалот: жена ќе игра за професионален машки тим!

Поранешната јапонска репрезентативка Јуки Нагасато ќе влезе во историјата на фудбалот како прва жена која професионално ќе игра за машки тим. Нагасато е напаѓач на Чикаго Ред Старс, но во следниот период ќе игра како позајмена за машкиот тим Хајабуса Илевен, кој се натпреварува во втората дивизија на регионалната лига Канагава (седма лига по ранг во Јапонија).

Нагасато, која има 33 години, беше членка на националниот тим на својата земја кога Јапонија стана светски првак во женска конкуренција на Мундијалот во 2011 година, а освои и сребрен медал на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

Таа сака да покаже дека жените може да играат активна улога и во машки тим. Нејзиниот постар брат Џенки Нагасато исто така игра за Хајабуса, а имаат и помала сестра Асано, која игра фудголф (мешавина од фудбал и голф).

„Таа десетина години велеше дека има голема желба да игра во машки тим. Како поголем брат, сакав да ѝ помогнам да си го оствари сонот“, вели Џенки Нагасато.

Јуки Нагасато се очекува да дебитира за Хајабуса кон крајот на октомври. За репрезентацијата на Јапонија таа има има 58 гола и одиграни 132 меча во периодот од 2004 до 2016 година.

- Оглас -

Најнови вести