Ристовски: Чест ми е што сум новиот капитен на Македонија, која сега ја гледаат со други очи

Стефан Ристовски ја доби можеби најтешката задача во новата ера на фудбалската репрезентација на Македонија. Нашиот бек ја наследи капитенската лента од иконата Горан Пандев, за тоа му се заблагодари на новиот селектор Благоја Милевски за укажаната доверба.

Без разлика на кого му припадна таа улога, Ристовски очекува од сите репрезентативци да се однесуваат како лидери на тимот. Фактот што Македонија настапи на Европското првенство треба да биде мотив за следни успеси, бидејќи сега јавноста ги гледа со други очи.

„Пред сè уште еднаш јавно да се заблагодарам на Горан Пандев кој постигна многу за оваа репрезентација и треба да биде пример како да се продолжи по вистинскиот пат. Огромна е честа што сум новиот капитен на оваа генерација, голема благодарност и до селекторот Милевски што ми ја даде довербата. Сепак, повеќе ќе ме радува доколку секој од нас покаже што значи да се носи репрезентативниот дрес, без разлика кој е капитен. Што се однесува до натпреварот со Ерменија, очекувам да продолжиме онаму каде што застанавме и да почнеме еден нов почеток. Јавноста сега нè гледа со други очи, Македонија играше на едно Европско првенство, што за нас ќе биде мотив за следни успеси“, посочи Ристовски.

Дуелот Македонија – Ерменија е закажан за утре во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести