Робен повторно во дресот на ПСВ?

Арјен Робен по цели 10 години се прости од Баерн Минхен и ова лето ќе го искористи да најде нов ангажман. Понуди има од секаде. Го бараат во Кина, САД, Катар, а има и неколку од Европа. Имено, искусниот Робен има прилика повторно да заигра во дресот на холандскиот вицешампион ПСВ Ајндховен.

Ова го потврди и тренерот Марк ван Бомел, кој за холандските медиуми истакна дека неколку пати лично го побарал поранешниот репрезентативец на Лалињата и дека се чека негова одлука.

„Неколку пати зборував со него. На Робен му е јасно колку ние сакаме да го видиме на „Филипс арената“ во дресот на нашиот тим. Но, само тој може да донесе одлука за својата кариера. Ние направивме што можеме, повеќе не му вршиме притисок, ќе чекаме да ги разгледа сите опции. Можеби ќе одлучи да се пресели надвор од Европа, а можеби ќе стави крај на фудбалската кариера“, истакна Ван Бомел.

Робен ги бранеше боите на ПСВ при самиот почеток на блескавата кариера. Таму пристигна во 2002 година од редовите на Гронинген, за холандскиот гигант настапи на 65 натпревари, на кои постигна 21 гол и 16 асистенции. Две години подоцна заигра за Челзи, а потоа за Реал Мадрид и на крајот заврши во Баерн, каде што стана клупска легенда.

- Оглас -

Најнови вести