Некогашниот мега-талент на бразилскиот фудбал, Робињо, кого пред 20-тина години го нарекуваа новиот Пеле, сега како 36-годишен ветеран не може да си најде клуб, а желба му е повторно да го облече дресот на Сантош кој е негов матичен клуб.
Робињо во Сантош ја почна фудбалската авантура, по што во 2005 година за 45 милиони евра прејде во Реал Мадрид, а последен клуб му беше турски Башакшехир. Робињо би играл за Сантош и бесплатно, поточно да договори месечна плата од 10 бразилски реали, што е околу две евра, за да се исполнат административните обврски.
Но, има и еден услов. Договорот да биде на две години. Според бразилските медиуми, преговорите се во финална фаза и некогашниот миленик на публиката би можел повторно да го облече црно-белиот дрес на клубот од Сао Пауло.